Партиски реакции за пресудите за водачите на ОВК
Од Хаг, реакциите се прелеаја и во Македонија. ДУИ ја нарече пресудата неправедна и длабоко разочарувачка, а Вреди - висока и неприфатлива. И двете партии тврдат дека судската одлука не ја менува нивната оценка за ОВК и нејзината улога во Косово.

ДУИ и ВРЕДИ со остри реакции за пресудите и затворските казни за косовските лидери на ОВК. „Неправедна и длабоко разочарувачка“ - вака лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, ја оцени одлуката на Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг.
„Ова се факти што треба да се имаат предвид секогаш кога некој се обидува да ја прикаже ОВК како криминална организација. Уверен сум дека наодите ќе бидат оспорени во текот на жалбената постапка“, соопштија од ДУИ.
Остра реакција пристигна и од партијата ВРЕДИ. Според нив, изречените казни биле „високи и неприфатливи“. Тие посочуваат дека, по долг и оспоруван процес, овие истакнати личности на ослободителната војна остануваат далеку од своите семејства и од Косово.
„Денешната пресуда не ја доведе во прашање легитимноста на ОВК. Војната на Ослободителната војска на Косово беше праведна борба за слобода, водена во услови на репресија и злосторства на режимот на Слободан Милошевиќ. Оваа историска вистина не може да ја промени ниту една пресуда“, велат од ВРЕДИ.
Обвинетите, кои сега се и осудени за воени злосторства, за голем дел од јавноста во Косово и Албанија, како и за дел од населението во Македонија, остануваат симболи на борбата за независност на Косово.
Игор Панов
