Војната во Украина без знаци на смирување

16.09.2026 19:38

Продолжуваат руските напади врз Украина, додека растат и безбедносните тензии меѓу Москва и Европа. Зеленски порачува дека единствената вистинска победа е мирот, Полска ги засилува мерките поради заканата од руски дронови, а Лавров предупредува дека евентуален европски напад врз Русија би довел до „многу кратка војна“.

Руските сили продолжуваат со напади врз украински цели. Погоден е патничкиот воз Киев-Миколаев, има загинати и повредени во напад врз автобус во Никополската област. Воздушни бомби го погодија Суми, а Киев повторно беше под руски оган. Зеленски ја отфрли идејата на САД за решение на војната од типот „победа за двете страни“ и вели дека единствена победа е мирот.
 
„Во оваа војна нема победа за двете страни. Тоа не е можно поради многуте човечки жртви. Најважната победа за сите – не само за Украина и Русија, туку за сите, за целиот свет - е мирот, запирањето на оваа војна“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
 
Во меѓувреме, Полска го затвори воздушниот простор поради закани од руски дронови, засилувајќи ги безбедносните мерки на границата.. Варшава предупредува дека Москва ги тестира безбедносните процедури на НАТО, повикувајќи ги сојузниците да не ги игнорираат руските дејствија.
 
„Не бараме конфликт со Русија. Ние сме чисто одбранбен сојуз, но не можеме да се преправаме дека не гледаме што прави Русија, пред сè кон Украина, а потоа и кон нас“, изјави Радослав Сикорски, министер за надворешни работи на Полска.
 
Москва со остро предупредување - евентуален напад на Европа врз Русија би довел до „многу кратка војна“- нагласи шефот на руската дипломатија Лавров..
 
„Ако Европа, која секој ден зборува за подготовки за војна против Русија, ја нападне Руската Федерација, тоа веќе ќе биде сосема поинаква војна и ќе биде многу кратка. Се надевам дека ова предупредување е слушнато во европските престолнини и структури кои сега се обидуваат да се претстават како обединета Европа“, рече министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
 
Ставот на Русија за решавање на конфликтот останува непроменет. Лавров повтори дека Москва бара исполнување на поставените цели и отстранување на, како што вели, коренските причини за кризата. 
 
Бојана Крстевски