Снепчет се подготвува да воведе дневно временско ограничување за младите
Раководителот на Снеп, матичната компанија на Снепчет, изјави дека компанијата е подготвена да воведе временски ограничувања за младите корисници, откако Мета повика на преземање мерки во оваа насока.

Извршниот директор на Снеп, Еван Шпигел, изјави дека утврдувањето максимално време што младите корисници можат да го поминуваат на апликацијата би можело да претставува значаен чекор напред за целата индустрија.
Изјавата доаѓа во време кога Снеп најави низа нови функции за своите нови очила Спекс, за кои компанијата наведува дека ќе можат да се поврзуваат со уредите Ајфон и Мек на Епл.
Мета сака и другите компании за социјални мрежи да ги прифатат промените на платформите што таа ги договори како дел од неодамнешната правна спогодба со американските сојузни држави.
Мета, матичната компанија на Инстаграм и Фејсбук, се соочи со обвинувања од јавните обвинители на американските сојузни држави дека намерно ги дизајнирала своите апликации на начин што создава зависност кај младите корисници.
Компанијата се согласи да плати 12,7 милијарди долари и да воведе низа мерки, меѓу кои исклучување на известувањата за време на училишните часови, ограничувања во текот на ноќта, како и стандардно дневно ограничување од два часа за младите корисници на нејзините платформи.
Шпигел изјави дека смета оти ова претставува значаен чекор напред во воспоставувањето стандарди за целата индустрија и дека таквиот пристап генерално би бил корисен. Тој додаде дека внимателно ги разгледуваат условите.
Мета во август, како дел од спогодбата, соопшти дека ќе воведе построги временски ограничувања и ќе плати дополнителни 5,3 милијарди долари доколку Јутјуб и Тикток го следат истиот пример. Спогодбата предвидува исплатите да се вршат во период од 10 години, а компанијата не призна вина за обвинувањата.
Минатиот месец портпарол на Мета изјави дека компанијата се надева оти и Снеп ќе воведе слични промени на својата платформа.
Мета, Јутјуб, Тикток и Снеп се соочуваат со голем број тужби во кои се тврди дека нивните апликации придонеле за кризата со менталното здравје кај младите. Снеп, исто така, беше обвинет дека овозможил услови за нелегална продажба на дрога.
Запрашан за идејата за стандардно временско ограничување, Шпигел изјави дека тоа е одличен пример за мерка што компанијата би била подготвена да ја примени.
Сепак, Шпигел не наведе временска рамка кога Снеп би можел да преземе конкретни чекори.
Тој рече дека за ова прашање се разговара во рамките на компанијата, но дека засега нема дополнителни информации што би можел да ги сподели.
Шпигел посочи дека Снеп веќе нуди алатки преку функцијата „Семеен центар“, која им овозможува на родителите да следат одредени аспекти од начинот на кој нивните деца го користат Снепчет.
Тој додаде дека компанијата сака да утврди на кој начин може да биде дел од решението.
Гугл, матичната компанија на Јутјуб, одби да коментира на прашањето дали планира да ги примени мерките предвидени со спогодбата на Мета. Тикток, пак, не одговори на барањето на Би-би-си за коментар.
