Ревизија

Државата исплатила 64 милиони евра за работни спорови за пет години

17.09.2026 11:01

Неефикасното и несистемско управување со работните спорови ја чинело државата повеќе од 64 милиони евра во периодот од 2020 до 2025 година. Ревизијата утврдила дека речиси половина од исплатените средства биле за камати и судски и извршни трошоци.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, за судски постапки од работен спор во петгодишниот период биле исплатени вкупно 3,97 милијарди денари, односно 64,369 милиони евра. Од нив, 2,05 милијарди денари биле главен долг, додека 1,92 милијарди денари или 48,39 отсто отпаѓаат на камати, трошоци за парнична постапка и извршни трошоци.

Ревизијата утврдила и значителен раст на бројот на предметите во работа – од 9.361 во 2021 година на 24.556 предмети во 2025 година.

Од вкупно исплатените средства, дури 95,36 отсто биле исплатени по пат на налози за извршување, а 4,64 отсто со доброволна исплата. Податоците биле побарани од 85 институции застапувани од Државното правобранителство, при што 69 доставиле податоци, а 12 од нив известиле дека немале исплати по основ на работни спорови.

Државниот завод за ревизија констатирал слабости во системот за управување со работните спорови. Според наодите, законската и подзаконската регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем, а во институциите во најголем дел не постои системски пристап за следење и анализа на причините и исходот на споровите. Ограничена е и примената на алтернативни начини за нивно решавање.

Ревизијата оценува дека Државното правобранителство претежно има реактивна улога, насочена кон застапување пред судовите, без доволно развиена превентивна и советодавна функција. Дополнително, начинот на евидентирање на предметите и извршувањето на плаќањата не обезбедува доволно структурирани податоци за целосно следење на обврските и финансиските ризици.

Државниот завод за ревизија препорачува воспоставување ефикасен систем за управување со работните спорови, подобрување на законската рамка, унапредување на евиденцијата и аналитичкото следење на предметите и зајакнување на механизмите за управување со финансиските импликации врз државниот буџет.