Култура

Македонската филхармонија со концерт на „Денови на македонската музика“

17.09.2026 12:02

На концертната програма се дела од македонски композитори – „Циклус песни“ од Стојан Стојков, „Темпера 3“ од Тома Прошев, увертирата „Храдебни“ од Горан Начевски и Концертот за симфониски оркестар „Ремикс“ од Гоце Гавриловски.

Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва од 20 часот ќе одржи концерт во рамки на фестивалот „Денови на македонската музика“. Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, како солистка ќе настапи мецосопранистката Сара Јанева.

На концертната програма се дела од македонски композитори – „Циклус песни“ од Стојан Стојков, „Темпера 3“ од Тома Прошев, увертирата „Храдебни“ од Горан Начевски и Концертот за симфониски оркестар „Ремикс“ од Гоце Гавриловски.

Мецосопранистката Сара Јанева својата кариера ја гради на меѓународната оперска и концертна сцена. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2022 година, во класата на проф. Весна Ѓиновска-Илкова, а потоа се усовршувала на Летната оперска академија во Блед и како членка на Швајцарското оперско студио.

Во 2025 година дебитира во оперите „Помилувањето на Тито“ од Моцарт и „Волшебната флејта“, а настапувала и во концертни изведби на дела од Перголези и Дворжак. Годинава одржа солистички концерти во Берн и Охрид со програма посветена на македонското музичко творештво, а во август настапи и на фестивалот „Алегро виво“ во Австрија.

Диригентот Иван Еминовиќ е роден во Скопје, каде што го започнува музичкото образование, а на ФМУ дипломира и магистрира на отсекот за оркестарско диригирање. Во неговото диригентско портфолио се повеќе продукции на Македонската опера и балет, меѓу кои „Травијата“, „Набуко“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Дон Џовани“, „Турандот“ и „Реквием“ од Моцарт.

Еминовиќ настапувал и со оркестри во странство, меѓу кои Сараевската филхармонија, со која диригирал на отворањето на „Башчаршиски ноќи“ во Сараево во 2018 година.