Европскиот куп во џудо во Скопје со 439 натпреварувачи од 42 држави
Според Џудо федерацијата на Македонија, за настап на турнирот се пријавени 439 џудисти од 42 држави од четири континенти. Натпреварите во двата дена ќе се одржуваат од 9 до 19 часот, а влезот за публиката е бесплатен.

Скопје викендов ќе биде домаќин на Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026, кој ќе се одржи на 19 и 20 септември во спортската сала „Јане Сандански“.
Според Џудо федерацијата на Македонија, за настап на турнирот се пријавени 439 џудисти од 42 држави од четири континенти. Натпреварите во двата дена ќе се одржуваат од 9 до 19 часот, а влезот за публиката е бесплатен.
Свеченото отворање е закажано за в сабота во 16 часот. На него се очекува присуство на претставници на европското џудо, како и високи гости од земјите учеснички.
Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски, изјави дека организаторите се подготвени за уште едно големо меѓународно натпреварување.
Тој посочи дека поради досегашните високи оценки за организацијата, Македонија ја добила привилегијата да биде домаќин на купот, кој, според најавите, ќе биде најмасовен досега во рамки на ова натпреварување во Европа.
На турнирот се очекува настап на најдобрите европски и светски џудисти, а резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри.
Иако натпреварувањето се одржува на територијата на Европа, право на настап имаат џудисти од сите континенти.
