Евроинтеграција

Кос: Оваа есен ќе биде есен на проширувањето, Македонија мора да го исполни ветеното

17.09.2026 10:44

Еврокомесарката за проширување Марта Кос најавува дека претстојната есен ќе биде период на засилен процес на проширување на Европската Унија. Во интервју за бугарската БНТ, таа порача дека би била „многу среќна“ доколку во процесот напредува и Северна Македонија, но оцени дека земјата треба да го исполни преземеното ветување- внесување на Бугарите во Уставот.

Еврокомесарката Марта Кос најавува есен на проширување на Европската унија со нови земји-кандидатки. Вели дека исполнувањето на реформите е клучно. Во изјава за бугарската национална телевизија, Кос рече дека Македонија треба да го исполни ветеното, внесување на Бугарите во Уставот.

„Би била многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Верувам во новата бугарска влада, со која соработувам многу добро. Сите ние заедно ќе најдеме начин да го придвижиме процесот напред со Северна Македонија. Секако, Владата во Северна Македонија мора да го одржи своето ветување. Тие мора да го променат својот Устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји-членки на ЕУ. Откако ќе се направи ова, ќе сметам и на поддршката од вашата земја, за да продолжиме напред и со Северна Македонија“, изјави еврокомесарката Кос.

Уставните измени се утврдени како услов за формално отворање на пристапните преговори. Европската комисија и во јули порача дека усвојувањето на договорените уставни измени е неопходниот следен чекор за почеток на преговорите.

Македонската влада изразува подготвеност за продолжување на европските реформи. Премиерот Мицкоски во јули изјави дека нема да има уставни промени „во формата во која моментално се бараат“, со став дека треба да се најде одржливо решение за напредок кон членство во ЕУ.