Енергетската заедница позитивно го оцени напредокот на Македонија во обновливите извори
Според извештајот за оценка на националните планови за енергија и клима за периодот 2025–2030 година, позитивно е оценет напредокот на земјава во исполнувањето на преземените енергетски и климатски обврски.

Македонија го надминала планираното темпо во развојот на инсталираните капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, покажува последниот извештај на Енергетската заедница. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини навреме го доставило извештајот за напредокот во спроведувањето на Националниот план за енергија и клима.
Според извештајот за оценка на националните планови за енергија и клима за периодот 2025–2030 година, позитивно е оценет напредокот на земјава во исполнувањето на преземените енергетски и климатски обврски.
Најзначаен придонес во енергетската транзиција имаат фотонапонските и хидроенергетските капацитети. Од Министерството посочуваат дека динамиката на развој на обновливите извори веќе ги надминува националната цел и индикативната траекторија утврдени со Националниот план.
До 2030 година е предвидено 38 проценти од бруто финалната потрошувачка на енергија да биде од обновливи извори, со раст на уделот во производството на електрична енергија, греењето и ладењето и транспортот.
Во наредниот период, како приоритети се наведуваат намалувањето на примарната енергетска потрошувачка, понатамошниот развој на обновливите извори и унапредувањето на енергетската ефикасност.
Министерството најавува и мерки за пазарно поврзување, активно учество на потрошувачите, сопствено производство и потрошувачка на електрична енергија, развој на енергетски заедници, системи за складирање енергија и воведување паметни мерни системи.
Целта, како што се наведува, е поголема енергетска сигурност, зголемување на домашното производство од обновливи извори и создавање поефикасен и модерен енергетски систем.
