Сцена

„Денови на хрватскиот филм“ од 22 до 27 септември во Кинотеката

17.09.2026 11:55

Програмата ќе биде отворена на 22 септември со изложба на филмски плакати, по што ќе биде прикажан краткометражниот филм „Човекот кој не можеше да молчи“. Филмот во 2024 година ја освои „Златната палма“ за најдобар краток филм на Канскиот филмски фестивал, а во 2025 година беше номиниран и за Оскар.

Современи и наградувани хрватски филмови ќе бидат прикажани од 22 до 27 септември во Кинотеката на Република Северна Македонија, во рамки на манифестацијата „Денови на хрватскиот филм“. Настанот го организираат Кинотеката и Амбасадата на Република Хрватска, а сите проекции започнуваат во 20 часот.

Програмата ќе биде отворена на 22 септември со изложба на филмски плакати, по што ќе биде прикажан краткометражниот филм „Човекот кој не можеше да молчи“. Филмот во 2024 година ја освои „Златната палма“ за најдобар краток филм на Канскиот филмски фестивал, а во 2025 година беше номиниран и за Оскар.

На 23 септември следува „Седмо небо“ во режија на Јасна Нанут, додека на 24 септември ќе биде прикажан „Фрка“ на Свебор Михаел Јелиќ, добитник на Специјално признание на Пулскиот филмски фестивал во 2024 година.

Филмот „Прослава“ на Бруно Анковиќ е на програмата на 25 септември. Остварувањето ја освои Големата златна арена за најдобар филм на Пулскиот филмски фестивал.

На 26 септември публиката ќе може да го погледне култниот хрватски филм „Пејте нешто љубовно“ на Горан Куленовиќ, добитник на наградата на публиката „Златна врата на Пула“ и на две „Златни арени“.

Манифестацијата ќе заврши на 27 септември со документарно-играниот филм „Риека или смрт!“ на Игор Безиновиќ. Филмот освои низа признанија, меѓу кои „Златна арена“ за режија на Пулскиот филмски фестивал во 2025 година, наградата за најдобар филм во програмата „Tiger“ на фестивалот во Ротердам, наградата FIPRESCI и Европската филмска награда за најдобар документарен филм.

Проекциите се со почеток во 20 часот во Кинотеката на Република Северна Македонија.