На граничниот премин Делчево спречен обид за шверц на 14 килограми марихуана

01.10.2014 14:18

Во празниот фабрички простор на подот во целата должина од возилото, поточно под патосниците и лимот на подот од возилото, пронајдени се вкупно 28 паковки со различна големина...

Царинските службеници на граничниот премин Делчево вчера запленија 14 килограми марихуана. Попладнето околу 17 часот, за излез од Република Македонија се пријави патничко моторно возило марка Ауди со македонски регистарски ознаки, управувано од лице со иницијали Д.Б., придружувано од уште две лица со иницијали М.М. и К.А., сите државјани на Република Македонија, соопштуваат од Царината.

Иако на прашање на царинските службеници дали имаат нешто да пријават за царинска контрола лицата одговориле негативно, царинските службеници пристапиле кон детална контрола на возилото.

Притоа, во празниот фабрички простор на подот во целата должина од возилото, поточно под патосниците и лимот на подот од возилото, пронајдени се вкупно 28 паковки со различна големина, обвиткани со пластична фолија и облепени со самолеплива трака наполнети со зеленкаста растителна материја, која на тестер за дрога покажа присуство на марихуана.

Лицата и дрогата се предадени на царинските инспектори од Одделението за истраги за понатамошна истрага. По извршено вештачење во МВР Оддел за крим-техника, потврдено е дека растителната материја преставува опојна дрога – марихуана, со вкупна тежина од 14.050 грама.