Заштитата на Маврово не може повеќе да се одложува – 20 здруженија бараат реакција од институциите
20 граѓански здруженија за заштита на природата чекаат одговор од Владата и Министерството за животна средина за барањето итно да постапат во процесот на повторно прогласување на Националниот парк Маврово. Велат, паркот функционира во правна неизвесност, без законски задолжителен план за управување. Во овој правен вакуум, странски ловци заедно со вработени од јавната установа безмилосно убиваат дивеч, се градат хидроцентрали и се уништува природното богатство.

Ловеле дивеч во Националниот парк Маврово, а потоа ја пиеле крвта од нив. Како ги сечат роговите како трофеј да си го понесат дома, еден странски ловец и вработен од јавната установа Национален парк Маврово се појавуваат во видео објавено на Јутјуб во октомври 2023 година. Ова никако не смее да биде активност во паркот каде заштитата на природните богатства треба да е под надзор и контрола на државата. 20 граѓански здруженија бараат од Владата и ресорното министерство паркот Маврово да биде прогласен повторно национален и да се засили контролата.
Алармантно е што и покрај пораките на меѓународни организации и особено на Бернската комисија под покровителство на Советот на Европа за стопирање на енергетските проекти како за Бошков мост и Луково поле како и хидроцентралата на Рибничка, сепак властите не дале одговор ниту ја повикале да направи увид за најстариот национален парк во Европа, велат од „Еко свест“.
Реагираа од ресорното министерство.
„Постапката за повторно прогласување на НП Маврово треба да биде завршена со што ќе се исполнат обврските од Законот за заштита на природата и ќе се донесе план за управување како основен документ за работа на паркот. Министерството е отворено за организација на јавна расправа на барање на граѓанските организации“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Паркот Маврово е единствениот од сите други во државава кој не е репрогласен за Национален парк.
Фиљана Кока
