Партии

Партиски реакции по пресудата во ХАГ

17.09.2026 16:43

Продолжуваат партиски реакции кај нас, по пресудата во Хаг. За пратеникот Сали Мурат од Европскиот фронт таа е сенка на слободата на косовскиот народ. За СДСМ, пак, крајно несоодветни се изјавите на претседателот на Собранието, Гаши. „Левица“, пак, бара постапување на домашните институции по предметите вратени од Хаг.

По пресудата од вкупно 81 година затвор за четворицата водачи на ОВК од Косово, Европскиот фронт предводен од ДУИ коментира дека изречената казна ја прифатиле со жалење и дека истата може да биде перципирана како сенка на слободата на косовскиот народ.

Откако собранискиот спикер, Африм Гаши, искоментира дека четворицата осудени остануваат ослободители на Косово и припаѓаат на славно поглавје во историјата, социјалдемократите сметаат дека изјавите на Гаши се крајно несоодветни.

„Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот суди поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме“, велат од СДСМ.

И Либерално демократската партија на Зајкова ги коментира изјавите на функционерите од Македонија по пресудата од Хаг. Кривичната одговорност е исклучиво поединечна. Секој обид судските одлуки да се претстават како напад врз цел еден народ претставува директно бегање од личната одговорност на поединците и опасен манипулативен популизам.

Од „Левица“ велат: По пресудата на судот во Хаг против поранешниот врв на ОВК, повторно се отвора прашањето за постапувањето на македонските институции со предметите што Хашкиот трибунал ги вратил на домашното правосудство.

Миле А. Ристески