Канада

Трамп се закани со високи царини ако Канада стане придружна членка на ЕУ

17.09.2026 19:50

Говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен ја разлути Белата куќа. Трамп и се закани на ЕУ се прекин на трговијата откако Канада доби покана за придружно членство во блокот. Според шефот на Белата куќа, тоа би можело да се смета за непријателски акт. Брисел категоричен – планот не е насочен против никого, a слична понуда може да очекуваат и Австралија и Нов Зеланд.

Американскиот претседател Трамп и се закани со трговска војна на Европа ако Канада стане „придружна членка“ на ЕУ. Најави и воведување сериозни царини, па дури и ограничување на трговијата со Европа, оценувајќи го потегот на Брисел како можен непријателски чин кон САД.

„Целата оваа работа со Канада е смешна. Ако Европа го направи тоа со лоша намера, ќе воведеме многу високи царини врз нив. Можно е дури и да престанеме да тргуваме со Европа во многу области“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Отава сака да ги продлабочи врските со Европа и се обидува да ја намали зависноста од американскиот пазар, откако Вашингтон воведе царини од 50 насто за канадските производи. И покрај заканите од Трамп, канадскиот премиер Карни пред Европскиот парламент ја поддржа поблиската соработка со ЕУ, нагласувајќи дека целта е зајакнување на економската и стратешката отпорност, а несоздавање нов блок.

„Европа и Канада се силни поединечно. Европа и Канада сè уште посилни заедно. Не бараме моќ за да доминираме над другите. Напротив, градиме отпорност за никој да не може да ги контролира нашите отворени пазари, да го наруши нашиот суверенитет или да ги поткопа нашите слободи, демократија и владеење на правото“, изјави Марк Карни – премиер на Канада.

Заканата од Трамп следуваше по говорот на шефицата на Европската комисија, Фон Дер Лајен, која предложи Канада да стане првата „придружна членка“ на ЕУ со продлабочена соработка во одбраната, технологијата, енергетиката, критичните минерали и Арктикот. Од Брисел велат дека зајакнувањето на партнерството со Отава не е насочено против САД, туку кон јакнење на заедничката сила.

„Не е на САД, ниту на кој било друг, да ја избираат политичката и геополитичката насока на Европејците. Уште повеќе, ние имаме односи со Канада и целосно право да се стремиме кон нивно продлабочување“, изјави Бенџамин Хадад-министер за европски прашања на Франција.

Статусот на „придружна членка“ засега не постои во правната рамка на ЕУ и ќе бара дополнителни преговори и согласност од земјите-членки. Доколку биде реализиран, моделот би можел да отвори нова форма на соработка и со други држави, како Австралија и Нов Зеланд.

Бојана Крстевски