Атрактивна концертна програма во новата сезона на Македонската филхармонија

01.10.2014 14:26

Македонската филхармонија, која годинава слави 70 години, ја почнува сезоната со атрактивна концертна програма, со која ќе гостува и во загрепскиот „Ватрослав Лисински“...

Извонредна уметничка екипа и богат музички репертоар. Македонската филхармонија под диригентство на маестро Борјан Цанев, ќе го почне своето ново музичко патување со изведба на „Прелудиум“ за оркестар од македонскиот композитор Панде Шахов, со една од најкомплексните симфониски поеми - „Дон Жуан“ од Рихард Штраус и со експресивната „Танц свита“ од Бела Барток.

Солист на концертот е виртуозот на виолончело Даниел Милер- Шот од Германија, еден од најистакнатите претставници на овој инструмент на новата генерација музичари.

„Огромна чест е да се биде во Македонија на еден ваков значаен јубилеј, кога Македонската филхармонија одбележува 70 годишно творење. Со нетрпение го очекувам утрешниот настан“, вели виолончелистот Даниел Милер –Шот.

„Врвни солистички имиња, врвни диригенти од целиот свет, програми коишто се интересни и за публиката и за оркестарот“, изјави Маја Чанаќевиќ, директор на Македонската филхармонија.

Со атрактивна програма на 6 октомври, Македонската филхармонија ќе гостува во „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Овој настан претставува дел во низата активности што ги предвидува нашата најстара музичка институција за љубителите на музиката во новата концертна сезона, а по повод годинашниот јубилеј - 70 години од постоењето.

„На отврањето на тој циклус, настапуваат оркестри од типот на Националниот оркестар на Франција, оркестарот Чајковски...“, нагласи диригентот Борјан Цанев.

Гостувањето е најавено во загрепските медиуми, а Македонската филхармонија е опишана како единствен и незаменлив претставник на симфониското музицирање во Македонија, како вистински амбасадор на македонската музичка култура, која соработувала со многу врвни диригенти и солисти.

 

Александра Перевска