Идризово

Инспекторка сведочеше за контролата во „Пулс“

17.09.2026 14:42

Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не им ја дал на увид лиценцата за работа на полициските службеници при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран од паркирани возила и било хаос, сведочеше полициски инспектор на судењето против деветтемина полицајци обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“.

Не сакал да го разбуди од спиење книговодителот кај кого биле наводно документите за работа на клубот „Пулс“. Газдата на дискотеката Дејан Јованов иако по закон морал да ги чува во самиот објект, на инспекторите им кажал дека е доцна и дека ќе им ги достави дополнително, притоа известувајќи ги дека дискотеката е во постапка на обнова на лиценцата, а активна дозвола за работа имал до крајот на месецот. Ова го тврди инспекторка на МВР која со колегите била во рација во 2023-та година. Таа рече и дека службеното возило го паркирале подалеку, бидејќи приодот до „Пулс“ бил хаотичен, попречен од возила, низ кои не би можеле да се пробијат ниту возила на итната медицинска помош.

Одбраната тврди дека исказот е небитен. Освен тоа, смета и дека намерно се кријат докази за првообвинетиот Димче Аврамов.

Според обвинението полицајците, иако должни, не направиле проверки околу нарушувањата на јавниот ред и мир и безбедносните сообраќајни решенија околу дискотеката во периодот 2022 и 2023 година со што и овозможиле да се стекне со лиценца за работа, а на газдата на клубот да си го продолжи бизнисот и да заработи десетина илјади евра.

Анита Димитријевска-Велковска