Еуростат

Младите во Македонија остануваат во домовите на родителите до 30,7 години, а во ЕУ до 26,3

17.09.2026 17:00

Според податоците на Евростат, младите во Македонија го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 30,7 години, за разлика од младите во ЕУ кои си заминуваат на 26,3 години, најдолго во домот на родителите остануваат младите во Хрватска на 31 и пол година. Младите сакат да живеат сами, но што од финансиска што од традиција, повеќето одлучуваат да останат во домот на родителите.

Младите во Македонија, домот на родителите го напуштаат околу триесеттата година – речиси четири ипол години подоцна од нивните врсници во Европската унија, покажуваат податоците на Еуростат. Зад оваа бројка, финансиите не се единствената пречка, дел од младите сметаат дека осамостојувањето го одложува и преголемата зависноста од родителите.

„Верувам дека е и од финансиски аспект, но друг проблем којшто постои е зависноста од родителите“, вели еден млад граѓанин.

„Ако има претерана поддршка од дома, финансиска или било каква, детето нема да може ништо само да создаде во животот“, додава друг.

„Не заради тоа што младите не сакаат, туку затоа што не се во можност финансиски. Ретко кој помлад човек може на тие години сам да се издржува и да студира“, посочи трет.

Родителите говорат за навиките да се живее заедно, но и за недоволната подготвеност за самостоен живот кај младите.

„Сега не го напуштаат домот на родителите, сакаат да живеат со нив додека остарат. А треба на 25 години. Не се самостојни, несозреани се“, вели еден родител.

„Бидејќи се многу мрзливи, затоа“, додава друг.

„Родителите се емотивно поврзани со децата, си ги чуваме ние“, вели трет.

„Немаат каде, финансиски е причината нормално, можеш стан да земеш, не можеш. Мора со родителите да бидеш“, истакна друг.

Условите во кои живеат младите во земјава и во Европа не се исти – освен економските причини, влијае и семејниот модел – особено кај девојките кои често го напуштаат родителскиот дом по склучувањето брак.

„Зошто некој сè уште би седел дома на 30 години со своите родители, освен ако нема доволно пари, ако нема каде да оди да живее, затоа што е инвестиција да купиш стан или да плаќаш месечна кирија. Можеби е дел и од нашата култура, затоа што ние сме сè уште повеќе семејно поврзани“, посочи психологот Мирјана Јовановска.

Според Еуростат, младите во Македонија во просек живеат со родителите до 30,7 години. Европскиот просек е 26,3. Најдолго со родителите остануваат Хрватите, најмалку Финците.

Кога осамостојувањето на младите се поместува после 30-та година, се поместуваат и многу важни животни одлуки. Младите сакаат свој дом, но високите трошоци и несигурните приходи често го одложуваат тој чекор.

Андријана Ѓурческа