Тензии на Косово по пресудата за поранешните лидери на ОВК
Растат политичките и општествените тензии на Косово по пресудата за четворицата поранешни лидери на ОВК. По протестите во Приштина, ветераните за утре најавија национален протест. Косовските лидери ја оспоруваат одлуката, Белград реагира, а меѓународната заедница повикува на почитување на пресудата и избегнување реторика што може дополнително да ги разгори тензиите.

Пресудата на Хашкиот суд, со која четворицата поранешни лидери на ОВК заработија 81 година затворска казна, високо ги подигна политичките и општествените превирања на Косово. Останува ризикот од провокации, локални немири, но и стравувањата од прелевање.
По вчерашните насилни протести пред косовската Влада и седиштето на ЕУЛЕКС во Приштина, Организацијата на ветерани од поранешната Ослободителна војска на Косово за утре најави национален протест. Според нив, со пресудата во Хаг се намалува значењето на нивната борба за ослободување. Најавија создавање координативен совет и платформа што ќе ги вклучи и Албанците кои живеат надвор од границите на Косово. Незадоволство и кај косовските политичари.
„Строгата казна изречена за четворицата поранешни лидери на ОВК е неприфатлива, неправедна и предизвикува огромна штета. Оваа пресуда апсолутно мора да биде поништена и да се преиначи во жалбената постапка. Во овие тешки моменти ние сме со семејствата на поранешните лидери на ОВК“, изјави премиерот на Косово, Албин Курти.
