Засилени контроли против бесправниот риболов на Мавровското Езеро
Националниот парк „Маврово“ воведува засилени контроли на Мавровското Езеро по откриени и отстранети незаконски поставени риболовни мрежи. Случајот е пријавен во полиција, а од паркот најавуваат продолжување на контролите за заштита на рибниот фонд и природните ресурси.

Управата на Националниот парк „Маврово“ деновиве започна со засилени контроли на Мавровското Езеро со цел сузбивање на бесправниот риболов.
При последната контрола, ренџерската служба открила и отстранила незаконски поставени риболовни мрежи. За случајот била известена и полицијата во Маврови Анови, а во координација со надлежните институции се преземаат мерки за утврдување на околностите и одговорноста.
Од Националниот парк информираат дека контролите на езерото ќе продолжат, со цел заштита на рибниот фонд и спречување на незаконското користење на природните ресурси.
Воедно, упатуваат апел до граѓаните, риболовците, посетителите и љубителите на природата да пријават незаконски риболов, поставување мрежи и други активности со кои се загрозува природата.
Од НП „Маврово“ посочуваат дека сите утврдени прекршувања ќе бидат документирани и пријавени, а сторителите ќе одговараат согласно закон. Оттаму нагласуваат дека заштитата на езерото е заедничка одговорност на институциите и граѓаните.
