Бизнисот бара побрз транспорт и помалку бариери
Сојузот на стопански комори денеска организира тркалезна маса посветена на воведувањето на електронскиот товарен лист – е-ЦМР. Бизнис-заедницата и надлежните институции ќе разговараат за дигитализација на транспортот, намалување на административните бариери и создавање услови за побрз проток на стоки и пониски трошоци за транспортните и логистичките компании.

Сојузот на стопански комори на Македонија денеска организира тркалезна маса за транспорт и логистика, посветена на имплементацијата на електронскиот товарен лист – е-ЦМР и создавањето услови за побрз, поефикасен и дигитализиран транспорт.
Под мотото „Кон транспорт без хартија и без бариери – Дигитален товарен лист, отворени граници“, претставници на бизнис-заедницата и државните институции ќе разговараат за воведувањето на е-ЦМР и надминувањето на административните и институционалните бариери.
Од ССКМ посочуваат дека за успешно функционирање на електронскиот товарен лист се потребни интероперабилност на системите, координација меѓу институциите и едношалтерски систем – One Stop Shop.
На тркалезната маса ќе биде презентиран предлог-моделот, како и потребните законски измени и институционални чекори. Целта е помалку документација, побрзи процедури, поефикасен проток на стоки и намалување на времето и трошоците за транспортните и логистичките компании.
На настанот ќе учествуваат претставници од Министерството за транспорт, Министерството за финансии и институциите под негова надлежност, Управата за јавни приходи и Царинската управа, како и претставници од министерствата за економија, надворешни работи, европски прашања, дигитална трансформација и внатрешни работи – Гранична полиција, како и Кабинетот на претседателот на Владата.
