Хоџа: Зелената агенда мора да донесе конкретни резултати за граѓаните
Зелената агенда за Западен Балкан треба да премине од заложби кон конкретна реализација, инвестиции и регионална соработка, порача министерот за животна средина Муамет Хоџа на министерскиот состанок во Жабљак, Црна Гора.

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа учествува на Третиот министерски состанок за Зелената агенда за Западен Балкан, што се одржува во Жабљак, Црна Гора, во рамки на Берлинскиот процес.
Хоџа порача дека фокусот во следната фаза треба да биде на имплементација, инвестиции и регионална соработка, бидејќи загадувањето и климатските ризици не познаваат граници.
Како приоритети ги посочи инвестициите во обновливи извори и енергетска ефикасност, климатското управување, праведната транзиција за регионите зависни од јаглен, реформите во управувањето со отпадот и циркуларната економија, како и заштитата на природата и биолошката разновидност.
„Успехот нема да се мери според бројот на усвоени документи, туку според конкретните промени кои носат бенефит за граѓаните од целиот регион“, истакна Хоџа.
На состанокот се очекува усвојување на Министерската декларација за Зелената агенда за 2026 година.
