Нова преговарачка рудна за името до крајот на годинава
Новиот амбасадор во САД и преговарач за името, Васко Наумовски, пред пратениците рече дека земјава има јасна воља да се надминат разликите во спорот со името. Наумовски ја изложи програмата за дипломатската мисија во Вашингтон. Најави ангажман за да се укине визниот режим меѓу двете држави...

До крајот на годинава се очекува нова преговарачка рунда за името. Новиот македонски амбасадор во САД и преговарач, Васко Наумовски, пред пратениците зборуваше во Собранието, пред заминување на функцијата. Рече дека земјава има јасна воља да се надминат разликите во спорот со името. Дециден е дека во процесот што се води под покровителство на ОН, земјава настапува со јасно изразена ставови и оти како претставник во тие разговори добил јасни насоки кои се ставовите што треба да се презентираат.
„За жал впечатокот е дека кај другата страна во овој момент постои еден недостиг на мотивација за надминување на оваа разлика, но и покрај тоа ние ќе продолжиме да разговараме со нашите соседи во правната рамка што е воспоставена со соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба, како и пресудата од Меѓународниот суд на правдата“, рече новиот амбасадор во САД, Наумовски.
Во Собраниската Комисија за надворешна политика Наумовски ја изложи програмата за дипломатската мисија во Вашингтон. Најави ангажман за да се укине визниот режим меѓу двете држави.
„Нашата цел не е да обезбедиме безвизен режим во наредните две или три години, туку да направиме напредок во критериумите кои се потребни за исполнување во оваа област. Таа цел би се остварила на среден рок“, нагласи Наумовски.
Наумовски рече и дека приоритети му се динамизирање на политичките односи и привлекување инвестиции, промоција на технолошки, индустриски и здравствени зони, промоција на туризмот, продолжување и унапредување на соработката во одбраната и безбедноста, образование, науката и културата.
Миле А. Ристески
