Спротивни ставови за патот кон ЕУ и односите со САД
Зајакнување на врските со САД или лоши сигнали од Вашингтон? Власта и опозицијата со дијаметрално спротивни ставови. Додека премиерот Мицкоски од Атлантскиот совет порача дека целта е да се продлабочи стратешкото партнерство со Америка, лидерот на СДСМ, Филипче, вели дека нашиот стратешки партнер ни праќа јасни пораки со тоа што за првпат се намалува воената помош за земјава.

„Мицкоски не сака да сме во ЕУ – ниту нешто се разговара, ниту има за што да се разговара, иако се знае кој е патот“ – лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче го критикува курсот по кој се движи земјава.
Според него, власта намерно ја држи Македонија изолирана со што остануваме слепо црево на Балканот, иако ЕУ праќа јасни сигнали дека има подготвеност за проширување на блокот. Според него, тапкањето во место резултира со сиромаштија на граѓаните, иселување на младите кои земаат бугарски пасоши, а Македонија останува и без финансиска помош од Брисел.
Лидерот на социјалдемократите се осврна и на посетата на премиерот на САД – вели Вашингтон ја намалил воената помош за Македонија, бидејќи во земјава влегуваат кинески пари.
Премиерот Мицкоски, пак, рече дека Македонија сака да го продлабочи стратешкото партнерство со САД, да стане членка на ЕУ и дека работи на спроведувањето на реформите кои Македонија ќе ја направат подобро место за живеење.
Власта и опозицијата во клинч и околу дата-центрите. Опозицијата вели, не е против, но не преку распродавање на националното богатство, како на водите, така и на рудите.
Од власта, пак, сметаат дека опозицијата не посакува напредок на земјата.
Фиљана Кока
