Кривичен Суд

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами денеска седна на обвинителна клупа

18.09.2026 17:06

Откако пред една недела сам им се предаде на извршните органи и заврши во притвор во затвор во Шутка поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами денеска седна на обвинителна клупа. И тој тврди дека не е виновен по обвинението за штета од 9,7 милиони евра. Бајрами повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот. Заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби се меѓу главните осомничени за злоупотреби направени во Државна лотарија.

Откако сам се предаде и отиде во притвор, по осум дена ексдиректорот на Лотарија Перпарим Бајрами со насмевка седна на обвинителна клупа. Рече дека знае за што е обвинет, но не чувствува вина. Нему, како и на останатите седуммина му се суди за купување на апарати за коцкање, иако државната Лотарија немала право да приредува таков вид игри на среќа. Адвокатот на Бајрами уверува дека за ова, Лотарија имала амин од Министерството за финансии.

Вина не чувствува ниту обвинетиот Башким Авди кој бараше да му се преведе обвинението на албански, бидејќи не го разбирал македонскиот јазик. На претходното рочиште и поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште петмина исто така рекоа дека не се виновни. Судењето продолжува со изведување материјални докази на Обвинителството.

Анита Димитријевска – Велковска