Врховен со образложение за несреќата кај Ласкарци
Врховниот суд го објави образложението на одлуката зошто беа уважени барањата на осудените и беше укината пресудата на Апелацискиот суд за автобуската несреќа кај Ласкарци, каде загинаа 16 патници, а 30-тина беа повредени. Оттаму велат, немало образложение како дејствијата на секој од осудените придонеле за трагедијата, иако Апелација им ги зголеми речиси двојно затворските казни. Врховен предметот го враќа на повторно одлучување.

Судот не спровел супервештачење за здравствена состојба на возачот Мануел Трифуновски, но и не се осврнал доволно на поврзаност на дејствијата на осудените и сообраќајната незгода кај Ласкарци-Врховниот суд го образложи решението со кое ја укина пресудата на Апелацискиот суд и предметот го враќа на повторно одлучување.
„Ваквиот заклучок на овој суд произлегува од спроведените вештачења и супервештачењето, во кои како причина за сообраќајната незгода се посочува пропустот на осудениот М.Т., притоа нотирајќи ја и неуредната техничка состојба на автобусот, без да се посочи во која мера влијаела таквата неисправност и како таа се одразила во причинување на предметната незгода. Ова дотолку повеќе што од спроведените вештачења произлегува дека нема траги на кочење“, стои во образложението на Врховниот суд.
Во пресудата на врховен се наведува и дека, од спроведените вештачења јасно произлегува дека сообраќајната ситуација настанала со насочување на автобусот кон лево, по кое следело напуштање на средната сообраќајна лента и дека според растојанието и времето, возачот немал техничка можност со сопирање да го избегне контактот со првата еластична метална ограда.
Во трагедијата кај Ласкарци во 2019-та загинаа 16 лица, а 30-тина патници беа повредени. Апелација на сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, му ја зголеми казната од четири на 10 години затвор, тројца вработени во станицата за технички преглед се осудени од 5 до 7 години затвор, а едно лице е во бегство. Обвинети веќе почнаа да излегуваат од затвор до носењето на новата пресуда.
Миле А. Ристески
