Почна снимањето на нови епизоди од „Македонските народни приказни“
Мудроста, итрината, добрината и лагата се само дел од особините кои докажаните актерски имиња ќе ни ги доловат во новите епизоди кои не доближуваат до нашата вековна историја...

Почна снимањето на новите епизоди од 18-тата сезона на „Македонските народни приказни“ кои почиваат на традицијата која ја запишале собирачите на народни умотворби како Марко Цепенков.
Пренесувани од колено на колено, собирани од врата на врата. Народните творби се пренесени во деценискиот серијал на „Македонските народни приказни“. Досега се снимени над 350 наслови.
„Со права филмска камера, со 4 ха резолуција за генерациите што доаѓаат да го знаат своето наследство, да знаат што е македонската историја, кој е Марко Цепенков што е битот на македонскиот народ“, вели Миле Гроздановски, режисер.
„Имаме среќа што оваа година, овој циклус го почнуваме со техника која може со задоволство да кажам дека не е користена ни во играна продукција на поголеми проекти“, изјави Томислав Алексов.
Мудроста, итрината, добрината и лагата се само дел од особините кои докажаните актерски имиња ќе ни ги доловат во новите епизоди кои не доближуваат до нашата вековна историја.
„Сите ние кои работиме во приказните сме ги правеле со задоволство, сме ги правеле со голема жар и љубов“, рече актерот Ванчо Петрушевски.
„Многу ми е драго дека повторно се снимаат македонските приказни, дека ќе се задржи овој бренд на МРТ“, дополни неговиот колега Гоце Тодоровски.
Првите 10 приказни од проектот започнат пред 30-тина се снимани во студио. Новите се снимаат во село Винце и други локации низ Македонија.
Сања Спиридонова
