Вашингтон

Мицкоски: Македонија е врвен приоритет на САД, најавува капитални стратешки проекти

19.09.2026 10:48

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон вели дека Македонија е меѓу врвните приоритети на САД во регионот и најавува продлабочување на стратешкото партнерство. Во фокусот се финансирањето на „Чебрен“ и „Галиште“, енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции, како и изградба на дата-центри.

Македонија е врвен приоритет на САД во регионот, а од стратешкото партнерство во следните години треба да произлезат капитални проекти од историско значење – премиерот Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон. Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа влада, САД и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа – наведува Мицкоски.

Претседателот на Владата вели дека со САД се разговара и за финансирање на Чебрен и Галиште и за други енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции. Целта е како што посочува да станеме енергетска крстосница во регионот. Открива дека покрај „Рамбл“ на Крис Павловски, владата разговара со уште 5 компании за дата-центри.

Во интервјуто, Мицкоски зборува и за односите со Бугарија. Вели дека се неизбежна тема во разговорите со европските партнери, но Македонија нема да влезе во нов процес без јасна перспектива и предвидлив крај.