„Помош и нега во домот“ и во Могила
Староста носи животно искуство, но и денови кога секојдневните обврски стануваат сè потешки, а помошта од друго лице неопходна. За 74-годишната жителка на Могила, поддршката во домот значи полесно секојдневие и чувство на сигурност. Помошта ја добива преку услугата „Помош и нега во домот“, која лицата над 65 години и лицата со попреченост, жители на руралната општина Могила, ја добиваат од крајот на јули.

Седумдесет и четиригодишната Цветанка Мрмачовска повеќе од десет години живее сама. Иако е подвижна и делумно работите може да ги извршува и сама, сепак вели осаменоста е тешка работа и на овие години има потреба од некој до неа. Помош добива од негователката Менка, која ѝ е секојдневна поддршка за основните работни обврски во домот и надвор од него, но и грижа за нејзиното здравје.
Од крајот на јули, социјалната услуга „Помош и нега во домот“ е достапна за сите лица над 65-годишна возраст и за лицата со попреченост, жители на Општина Могила. Целта е поголема социјализација, одржување на благосостојбата и подобрување на психичката состојба на корисниците.
Од локалната самоуправа посочуваат дека ваквите услуги се важен дел од социјалната заштита на локално ниво, особено за лицата кои имаат потреба од дополнителна грижа и поддршка, но и можност повозрасните жители периодот на старост квалитетно да го поминат во својот дом…
Проектот го спроведува Здружението за поддршка на идентификувани и потенцијални ранливи групи „Жртва“, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Могила.
Моментално ангажирани се 13 од вкупно 20 лиценцирани негователи и 21 корисник од предвидените 60. Повикот ќе биде отворен до исполнување на максималниот број.
Александра Максимовска
