Нови санкции за Русија од Вашингтон
Нови санкции за Русија од Вашингтон, додека во вториот ден од парламентарните избори во Русија, Москва го обвини Киев дека се обидува да го наруши гласањето. Путин предупредува на војна со Европа, Зеленски на долгорочна руска закана, а НАТО ја зајакнува воздушната и ракетната одбрана. Во меѓувреме, дронови навлегуваат во воздушниот простор на Молдавија, а Полска крена воени авиони по руските напади врз Украина.

Американскиот претседател Трамп потпиша закон за нови санкции против Русија, со царини до 100 насто за земји што купуваат руска нафта и гас, како и санкции за руски функционери, банки и енергетски компании. Во меѓувреме, додека продолжува вториот ден од гласањето во Русија, Путин го обвини Киев дека се обидува да ги наруши изборите и дека му е потребна војна за да остане на власт. Тој оцени и дека дел од европските лидери се подготвуваат за војна со Русија.
„Украинското раководство не брза да одржи избори, ама се обидуваат да нè нарушат. Зборуваат за мир, а во истовреме, извршуваат злосторства. НАТО расте и се шири, а некои европски лидери отворено изјавуваат дека се подготвуваат за војна со Русија. Сакам да повторам дека Русија нема агресивни намери кон Европа“, изјави Владимир Путин-претседател на Русија.
Додека руските напади во Украина продолжуваат, Молдавија пријавува упад на дронови во воздушниот простор, а Полска дигна авиони. Зеленски порача дека Русија се подготвува за долгорочна конфронтација со Европа, додека Туск предупреди на руските хибридни закани и повика на продолжување на притисокот врз Москва.
„Русија ја гради својата политика врз долгорочна конфронтација со обединета Европа, а нашите народи го сакаат спротивното.“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
„Мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија да ја прекине војната. Мирот нема да дојде преку отстапки, туку со зголемување на цената на војната за Москва.“, изјави Доналд Туск-премиер на Полска.
Претставниците на НАТО во Копенхаген порачаа дека Алијансата ја зајакнува воздушната и ракетната одбрана и продолжува да го поддржува Киев.
„Нелегалната агресивна војна на Русија против Украина фрли долга сенка. Имаше нарушувања на воздушниот простор на повеќе сојузници на НАТО, вклучително и овде во Копенхаген, каде беа откриени неовластени дронови во близина на аеродромот. НАТО продолжува да ја зајакнува својата интегрирана воздушна и ракетна одбрана и да ја поддржува Украина“, изјави адмиралот Џузепе Каво Драгоне – претседател на Воениот комитет.
Паралелно, Франција подготвува план за заштита на критичната инфраструктура од можни руски дронови и сајбер-напади, откако, според Макрон, руската хибридна закана кон Европа се интензивирала. Во меѓувреме, воздушниот сообраќај на аеродромот во Луксембург повторно е воспоставен по привремениот прекин поради дронови. Засега не е познато од каде потекнувале и кој управувал со нив.
Бојана Крстевски
