Вашингтон

Мицкоски: Нема повлекување од разговорите со Бугарија

19.09.2026 15:39

Премиерот Мицкоски ги отфрли идеите за повлекување од меѓународните договори и преговори со Бугарија. Не се инаетиме и не сме тврдоглави, вели тој, но Македонија нема да влезе во нов процес без јасна перспектива и предвидлив крај. Потребно е да имаме уште еден на масата, тоа нека биде претставник од страна на Европската Унија, вели Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.

Премиерот Мицкоски ги отфрли идеите за повлекување од меѓународните договори и преговори со Бугарија. Вели Владата ќе бара решение со посредство на Европската Унија. Во интервју за МИА од Вашингтон посочува, еднострано напуштање на веќе преземените меѓународни обврски не е реална опција.

„Очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами и мораме да се бориме да ги повратиме загубените позиции кои во минатото, за жал, претходната влада ги минираше“, стои во објавата на Христијан Мицкоски.

Според него Владата е подготвена да ги аргументира своите позиции, но и да ги прифати аргументите од спротивната страна доколку тие се убедливи. Скопје „не се инаети“ и не настапува тврдоглаво, вели Мицкоски и посочува дека се подготвена да разговараат за усогласување на акцискиот план за малцинствата, но смета дека процесот треба да се одвива со присуство на меѓународната заедница. „Никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај“ дециден е Мицкоски.

„Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“, додаде Мицкоски.

Во однос на идеите за можен вид асоцијативно членство во Европската Унија, Мицкоски ги опишува како „брејнсторминг“ и размена на идеи, без да навлегува во конкретен модел. Според него, евентуалното воведување нови форми на членство би подразбирало и промени во договорите на Европската Унија.

 

Марина Стојанова-Тонева