ХЕМА

Ракот не избира, превенцијата и раната дијагноза можат да спасат живот

19.09.2026 18:03

Заедно за рано откривање, заедно за живот – превенцијата и навремената дијагностика на малигните заболувања се од исклучително значење. Едукативна трибина во скопско Драчево. Членка на Здружението ХЕМА-ОНКО ја сподели својата борба со ракот на дојка – зборуваше за стравот, но и за надежта.

Ракот не избира ни возраст, ни професија, ни животна приказна. Но, она што може да направи разлика е навременото откривање. Го менува секојдневието, но не смее да ја одземе надежта.

Зад секоја дијагноза стои човек. Мајка, сопруга, ќерка, сестра, пријателка. 47-годишната Наташа Бубалова, по професија модна дизајнерка, петта година на цврсти нозе ја води борбата со оваа подмолна болест. Болеста треба да се сфати како период кој треба да се надмине – порачува Наташа.

Борбата со ракот не е само медицинска – таа е лична, семејна и човечка. Но, најголемата поддршка онколошките пациентки ја добиваат од нивните соборки од Здружението „Хема Онко“, бидејќи најдобро можат да ги разберат како се чувствуваат.

Со порака дека превенцијата, контролите и раната дијагноза можат да спасат живот, во Драчево се одржа едукативна трибина на која лекари, здравствени работници и лица со лично искуство со болеста зборуваат отворено – за стравот, но и за надежта.

Кампањата, според најавата, ќе продолжи со уште една трибина на 26 септември, а ќе заврши со Розев пикник на Школка во Градскиот парк.

 

Александра Велинова