ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за рудникот, дата-центрите и економските политики
Мицкоски ја распродава Македонија за профит, обвинуваат од СДСМ. Велат ископување антимон е опасно и мора да се прашаат граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ со став – на Филипче му смета успехот на Македонија, затоа е против дата центри, рудници и фабрики, но не е против бугарски фирми, златни визи и акции во индиски авиокомпании.

Проектот за антимон во Крстов Дол, во близина на кривопаланечкото село Луке, ќе добие американски грант од пет милиони долари за натамошен развој. За проектот, владата од Вашингтон најави дека разговара со претставници на Американската финансиска корпорација. Потенцијалните резерви имаат значајно економско и стратешко значење, вели премиерот. Најавува дека со шест компании се разговара и за изградба на дата-центри, меѓу кои и Рамбл на Крис Павловски.
Од опозицијата обвинуваат: Мицкоски ја распродавал Македонија бидејќи немал економски резултати. Нема економија, па продава ресурси, велат од СДСМ. Додаваат: Македонија не е приклучок за, како што велат, туѓи сервери.
Од СДСМ велат: Македонија не е на продажба, откако нивниот лидер Венко Филипче и претходникот Зоран Заев ја распродадоа земјата за стан, зграда и златна виза во Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Додаваат: Филипче е против дата-центри бидејќи му пречи успехот на Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија опозицијата за двојни стандарди, поради што, како што велат, ќе бидат вечна маргинална опозиција.
Марија Котовска
