„ОДВ Електрик“ стартува со браунфилд, од април започнува и гринфилд инвестиција
Во постојниот погон во Oхрид почнаа со пробна работа првите 25 работници во германската компанија „ОДВ Eлектрик“ како браунфилд инвестиција. Досега се вложени 600 илјади евра во адаптација на погонот и за набавка на опрема, а до нова година ќе бидат вработени 100 лица. Во април се очекува и гринфилд инвестицијата на оваа компанија во технолошко- индустриската развојна зона помеѓу Охрид и Струга каде што треба да се вработат 1.000 лица...

Германиската компанија „ОДВ Електрик“ го започна пробното производство во веќе постојниот погон во Охрид. 25 обучени работници ги тестираат машините на првата производствена линија,а до крајот на годинава ќе бидат вработени сто лица. Најдоцна до јануари ќе започне првата испорака на производи од овој погон за странските пазари.
„Задоволен сум од работните вештини и обученоста на веќе ангажираните работници во фирмата, како и од подршката што како инвеститори ја добивме од сите институции во Македонија“, истакна Лудвиг Батон, извршен директор на „ОДВ Електрик“.
„Инвестицијата ќе оди модуларно. Во првата фаза очекуваме да инвестираме околу 4 милиони евра, а по завршувањето на целата инвестиција планот е да имаме производни хали од околу 10.000 метри квадратни и околу 1.000 вработени“, рече Огнен Цубалевски, извршен директор на „ОДВ Електрик-Македонија“.
Инвеститорите се почесто се одлучуваат да инвестираат во различни региони на Македонија што ќе придонесе за рамномерен економски развој.
„За нас како град Охрид и граѓаните на Охрид ваквиот влез на странски инвеститори е од круцијално значење за придвижување на локалната економија и претставува основен предуслов за овозможување на локален економски развој“, изјави Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
„ОДВ Електрик“ е компанија која произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови и има свои капацитети во Германија, Унгарија и Украина.
Сашо Нелоски
