Повеќе повици, малку оџачари
Пред стартот на грејната сезона, оџачарите со полни раце работа. Во Куманово сè уште бројни домаќинства се затоплуваат на дрва. Но мал е бројот на лица кои се занимаваат со чистење на оџаците.

Со приближување на грејната сезона, расте бројот на повици до оџачарите. Во Куманово, дел од домаќинствата сè уште се греат на дрва. Дино, еден од ретките оџачари од североистокот посочува побарувачката во моментов е голема, а мал бројот на овие занаетчии. Укажува подготовката на оџаците е важна мерка за поголема безбедност.
„Ме бараат и од Скопје, Крива Паланка, Кратово, не може да се постигне. Младите не сакаат, одат ден-два, кога гледаат дека некогаш треба да се качиш на висина, не можат, не можат прашина да трпат. Моментално имам над 250 муштерии кои се редовни. Има повици, од утринава седум повици имам, се трудам сите да ги услужам. Во текот на сезоната не може да се постигне, затоа апелирам на крајот на сезоната да се исчистат оџаците, за да бидат подготвени за наредната сезона“, вели кумановскиот оџачар Дино.
Кумановската противпожарна единица лани бележи 22 интервенции на запалени оџаци на домаќинства. Годинава се регистрирани 14.
„Ако не ги чистиш нема ниту да влече, ќе се закука“-вели еден граѓанин.
„Кога го чистите оџакот? И на почетокот на сезоната и на крај трипати го чистам преку зимата“, дополни друг.
„Доколку не се чисти, може да предизвика пожар на целата куќа. Не е лошо пред сезона да се чисти и околу нова година и при крај, така трипати“-нагласи друг.
Но чистите оџаци не само за безбедноста на домот, според оџачарот Дино се важни и за квалитетот на воздухот. Потенцира неопходно е системско решение за професијата оџачар, како и поддршка за редовно одржување.
Елена Геогиевска
