Вештачката интелигенција го менува работниот процес – нови вештини за новото време
Вештачката интелигенција забрзано навлегува во економијата и работниот процес, а нејзината примена се шири и во Македонија. Граѓаните ја користат за пребаруваат и да креираат содржини, компаниите ја тренираат за автоматизација, обработка на податоци. Но, експертите предупредуваат: развојот на овие современи алатки носи и низа предизвици – промени на пазарот на трудот и потреба од нови вештини.

Пишува текстови, одговара на имејл пораки, преведува, креира фотографии, видеа, анализира податоци, па дури и имитира човечки глас. Вештачката интелигенција, граѓаните сè почесто ја користат и како напреден пребарувач кој ги сумира, џвака и практично на тацна ги сервира информациите. Комуникологот Џигал, за МТВ вели дека нејзината континуирана употреба може да ја стави во ризик реалната комуникација меѓу луѓето.
Но, колку повеќе задачи може да обработи машината, толку посериозно е прашањето што ќе остане за човекот. На удар би можеле да се најдат професиите со голем обем на рутински задачи – кол центри, обработувачи на податоци, банкари, графички дизајнери. Софтверот веројатно нема преку ноќ да ги збрише професиите, но може значително да го промени начинот на кој работиме, велат експертите.
Истражувањата покажуваат дека околу 41 процент од малите и средни компании во земјава користат некаква форма на вештачка интелигенција. Над 35 насто користат генеративна како Чет ГПТ и слични сервиси. Помалку од 6 проценти употребуваат АИ системи развиени од експерти во или надвор од компанијата.
Анита Димитријевска -Велковска
