Производителите на ајварка бараат државна помош
Струмичките земјоделци производители на црвени пиперки бараат интервентна помош од државата во висина од 10 денари за килограм или 20 илјади денари за декар. Барањето е заради ниските цени и немањето сигурен откуп на црвените пиперки од страна на трговците и преработувачките капацитети.

Производителите на црвени пиперки од струмичко бараат државна помош со оглед на катастрофално ниските откупни цени на куртовската капија оваа сезона. Како што наведуваат од Здружението „Млади“-Муртино дел од производството се дало за џабе а друг дел скапува по нивите оти нема откуп.
„Бараме со одлука на Влада да се обезбеди дополнителна директна финансиска помош за градинарите од вкупно 10 ден/кг од кои: 20.000 ден по декар засадена површина куртовска капија и 5 ден/кг по предадена количина во преработувачки капацитет“ – стои во барањето на „Млади“-Муртино.
Државата помош се бара пред сè поради ниските откупни цени и немањето средства земјоделците да се подготват за новата сезона. Како што велат годинава работеле во загуба.
Месец август беше во знакот на протестите во струмичко кога во неколку наврати земјоделците излегоа нулици оти откупни цени не ги покривале производствените трошоци.
Директната државна помош да биде исплатена најдоцна до средината на ноември бараат производителите на црвени пиперки од струмичко кои паралелно бараат исплата и на редовните субвенции.
Ване Трајков
