русија

Дронски напад врз Москва

20.09.2026 16:04

Последниот ден од парламентарните избори во Русија – во сенка на еден од најжестоките украински напади врз Москва од почетокот на војната. Стотици дронови над главниот град, експлозии и пријавени жртви. Киев вели мета биле клучни објекти на руската нафтена индустрија. Москва, пак, обвинува дека целта била да се наруши изборниот процес.

Москва цел на еден од најмасовните украински ноќни напади со беспилотни летала досега, токму на последниот ден од парламентарните избори во Русија. Стотици дронови биле насочени кон главниот град и околината, а пријавени се и жртви и повредени. Зеленски го пофали нападот чија главна цел според Киев бил московскиот нафтопреработувачки комплекс.

„Нашите напади со голем дострел имаа многу значајно влијание во московскиот регион синоќа. Погодени беа еден од клучните објекти на руската нафтена индустрија и еден логистички објект на агресорот. Станува збор за милијарди долари што ја одржуваат воената машина“, – објава на Володимир Зеленски – претседател на Украина

Московските власти, пак, оценија дека нападот бил планиран со цел да се наруши гласањето, но дека тоа не успеало. И покрај тешката ноќ, избирачките места беа отворени, а гласањето продолжено. Дел од граѓаните во пограничните области гласаа од дома поради страв од нови напади.

„Со оглед на сложената оперативна ситуација, треба да им покажеме на сите наши непријатели и противници дека земјата е обединета и дека сите стоиме заедно како едно“, изјави Јегор Ковалчук – в.д гувернер на Брјанск.

Москва обвини за уништено избирачко место во Запорожје, а Киев го прогласи гласањето во окупираните украински области за незаконско, додека руските власти го претставуваат како дел од нивната интеграција во Руската Федерација.

„По овие избори, Доњецк ќе има свои претставници во Државната дума, кои ќе ги застапуваат интересите на нашите жители. Затоа, учеството и изборот се наша одговорност“, изјави Денис Пушилин – лидер на руските власти во окупираниот Доњецк.

Критичарите ги оценуваат изборите како неслободни и нетранспарентни и сметаат дека Кремљ ќе ги искористи за да покаже единство зад политиките на Путин. Политичката конкуренција е ограничена, откако „Јаблоко“, партијата која отворено се спротивстави на војната во Украина, беше отстранета од федералната изборна листа.

„Повеќето луѓе во Русија сега сакаат мир, а „Јаблоко“ им помогна да го изразат тоа. Токму затоа партијата е исклучена од изборните листи и затоа на поединечни кандидати им се оневозможи учество“, изјави Григориј Гриши – партија „Јаблоко“.

Ова се првите парламентарни избори во Русија по почетокот на војната во 2022 година. Се очекува владејачката „Единствена Русија“ да ја задржи контролата врз Думата. И додека гласањето се ближи кон крајот, во Украина продолжуваат руските напади, со пријавени жртви и повредени во Киев, Суми и Херсон.

Бојана Крстевски