Епидемијата не запира, еболата пристигна во САД!
Дали e еболата закана за светот? Прв заболен во САД. Руските научници тестираат експериментална вакцина. Се надеваат дека смртноста од вирусот може да се намали до 5%...
Епидемија на ебола во Африка не запира. Стравот од натамошно ширење и во други делови од светот растесо првиот случај на заболен во САД. Пациентот е во карантин и е во критична состојба. Престојувал во Либерија и им помагал на болните.
„Ова е прв случај вирусот да се дијагностицира во САД. Нема индикации дека заразата ќе излезе од контрола. Секако дека заболениот контактирал со членови на семејството и со пријатели, но ние ќе контролираме и нема да дозволиме болеста да се шири“, вели Том Фриден, директор на Центарот за контрола и превенција на заразни болести.
Опасноста од ширењето на епидемијата во САД е голема бидејќи дел од родителите не дозволуваат вакцинирање на децата, велат здравствените работници.
Од друга страна, во Либерија, каде што почна да се шири вирусот нема доволно лекови, медицински материјал, амбулантни возила за заразените и опрема со која се заштитува персоналот.
„Имав контак со болен, сега не се чувствувам добро. Се ме боли, ги информиравме здравствените работници, но досега никој не дојде“, вели еден пациент заболен од ебола.
Помошта тешко стигнува. Условите за работа се тешки.
„Има околу петнаесет случаи кај кои е констатиран вирусот. Тие се дома и чекаат на нас. Но ние се уште немаме заштитна опрема за да можеме да одиме на терен“, изјави Гордон Камара, брза помош.
Во селата умираат цели семејства. Најмалку 3.700 деца во западна Африка останале без еден или без двајцата родители кои починале од ебола, а роднините одбиваат да ги прифатат поради страв од заразата, соопштуваат од УНИЦЕФ.
Досега еболата однесе повеќе од 3.000 животи. Според проценките, до јануари 2015 година во Западна Африка ќе заболат 1,5 милиони луѓе.
Марија Петковска