Црн биланс на македонските патишта, три жртви и седум повредени
Црн биланс на македонските патишта. Три жртви, седум повредени во две одделни тешки сообраќајни несреќи. Едната на автопатот Скопје-Куманово, другата на патот Битола – Прилеп. Меѓу загинатите е 17-годишна девојка, а меѓу повредените има и седумгодишно дете.

За само неколку часа три жртви и седум повредени при две одделни сообраќајни несреќи на патот Битола – Прилеп и на автопатот Куманово – Скопје. 17-годишна девојка го загуби животот, а меѓу повредените има и седумгодишно дете. Тешко се повредени возачот на „опелот“, 44-годишна жена и седумгодишно дете, кои биле сопатници во „фордот“. Тие биле пренесени во Клиничката болница во Битола. Повреден е и 48-годишниот возач на „фордот“. На местото на несреќата бил извршен увид од екипа на СВР Битола. Се преземаат мерки за утврдување на причините и околностите што довеле до трагичниот судир.
„Во несреќата учествувале патничко возило „Опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Е.Ф. (28) од прилепското село Канатларци, и патничко возило „Форд“ со битолски регистарски ознаки, зад чиј волан бил М.Н. (48) од селото Долно Српци, општина Могила. Од здобиените повреди на местото на несреќата починала 17-годишна сопатничка од возилото „Опел“, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Битола“, изјави СВР Битола.
Само три часа по првата тешка сообраќајна несреќа, на кумановско-скопскиот автопат е регистрирана уште една. Судирот се случил кај Агино Село, во насока кон Скопје, меѓу ’мерцедес‘ управуван од 65-годишен скопјанец и ’опел корса‘, со која управувал 27-годишен скопјанец.
На местото на несреќата интервенирале надлежните служби, а околностите под кои дошло до судирот се утврдуваат.
Александра Велинова
