Со донација од САД ќе се реконструира „Златковата кула“
Кратово ќе добие дополнителни содржини за културна и туристичка презентација. Со грант од американската амбасада ќе се реконструира Златковата кула, еден од дванаесетте заштитни брендови по кои Кратово го добил епитетот-град на кулите.

Целосно ќе се уреди една од најавтентичните средновековни кули во Кратово, со донација од околу 98 илјади долари од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД. Според проектот за обновата на кулата, во чија реализација покрај Министерството за култура учествува и Музејот на Кратово ќе биде отворена сувенирница, културно-информативен центар, како и спомен-соба на светецот Ѓорѓи Кратовски во објектот на кулата.
„Почнувајќи од 2001-вата од Американскиот фонд беа издвоени знајчајни средства за реализација на голем број проекти со кои се изврши конзервација и реставрација на значајни споменици на културата. Верувам дека со реализацијата на грантот за Златковата кула, градот Кратово ќе добие доплнителни содржини кои ќе бидат туристичка атракција за домашните посетители и за гостите од странство“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Златковата кула е 12-тиот проект од Амбасадорскиот фонд за културна заштита во Македонија, преку кој во изминативе 13 години во земјава биле инвестирани повеќе од еден милион долари, рече американскиот Амбасадор Пол Волерс при предавањето на гранот.
„Кратово има богата историја, факт што им станува јасен на сите, кои чекорат по историските улици и античките мостови на градот. Кулите се важен дел од таа историја, бидејќи низ вековите, во нив престојувале семејства и војници и се чувале скапоцености“, рече амбасадорот Волерс.
Инаку Златковата кула е изградена во 1365 година, висока е 6 и пол метри и има три ката. Името го добила по нејзниот последниот сопственик Ѓорѓи Златков.
Габриела Димковиќ
