Левицата победи во Берлин, АфД прва во Мекленбург-Западна Померанија
Нов удар за германскиот канцелар Фридрих Мерц по изборите во две сојузни покраини. Во Берлин победи Левицата пред ЦДУ, додека АфД е трета. Во Мекленбург-Западна Померанија, пак, АфД освои најмногу гласови...

Нов политички удар за германскиот канцелар Фридрих Мерц. Во Берлин победи Левицата, со повеќе од шест процентни поени пред Христијанско-демократската унија на канцеларот, додека Алтернатива за Германија е трета. Во Мекленбург-Западна Померанија, пак, АфД е прва со нешто повеќе од два процентни поени пред Социјалдемократската партија, додека партијата на Мерц освои околу пет проценти.
„Од денес па натаму, заедно ќе го менуваме нашиот Берлин и ќе го направиме подобро место – сите заедно“, изјави Елиф Ералп, кандидат на Левицата.
„Ние сме во водство и сакаме да останеме во водство. Имаме мандат да управуваме тука во Мекленбург-Западна Померанија“, рече Лајф-Ерик Холм, кандидат на АфД.
Мерц резултатот го нарече „катастрофа“.
„Не можеме да ги одложиме овие одлуки сега. Реформите мора да продолжат“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Алтернатива за Германија побара оставка од Мерц, но другите партии ја исклучуваат можноста за коалиција со АфД.
