Култура

„Патување низ звуците“ – македонска музика и класични дела на концерт во Истанбул

21.09.2026 17:56

Концертната програма е замислена како музичко патување низ различни епохи, стилови и музички традиции, со дела од Тодор Скаловски, Антонин Дворжак, Винченцо ди Кјара, Франц Лехар, Јохан Себастијан Бах, Родолфо Фалво и Дмитриј Шостакович.

Македонскиот културен центар во Истанбул на 23 септември ќе биде домаќин на концертната вечер „Патување низ звуците“, на која ќе настапат сопранот Дајана Малолари Пајазити, виолинистот Шкелзен Пајазити и пијанистката Едита Руси.

Концертната програма е замислена како музичко патување низ различни епохи, стилови и музички традиции, со дела од Тодор Скаловски, Антонин Дворжак, Винченцо ди Кјара, Франц Лехар, Јохан Себастијан Бах, Родолфо Фалво и Дмитриј Шостакович.

Концертот ќе започне во 19 часот, а на публиката ќе ѝ понуди камерна музичка програма во изведба на тројца музичари со богато концертно и педагошко искуство.

Виолинистот Шкелзен Пајазити, роден во Тетово, е професор по виолина во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово и во Општинското музичко училиште во Гостивар. Има настапувано на повеќе солистички и камерни концерти во земјата и странство, а од 2015 година го раководи Меѓународниот музички фестивал „Меридијани“.

Сопранот Дајана Малолари Пајазити, родена во Тирана, дипломските и магистерските студии ги завршила на Универзитетот за уметности во Тирана. Таа денес е професорка по соло пеење во ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ и на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, а има настапувано и на повеќе меѓународни фестивали и натпревари.

Пијанистката Едита Руси, родена во Скопје, дипломирала и магистрирала на Факултетот за музички уметности во Скопје во класата на м-р Симон Трпчески. Има добиено повеќе награди на државни и меѓународни натпревари и настапувала на фестивалите „Скопско лето“, „Златна лира“ и „Денови на македонската музика“. Од 2009 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Настанот е отворен за љубителите на класичната музика и има за цел преку камерна концертна програма да ја претстави македонската култура и музичко творештво пред публиката во Истанбул.