Култура

„Доктор Офболи“ повторно на сцената на Националната опера и балет

22.09.2026 12:56

Бајковитата балетска приказна ја прикажува вечната борба меѓу доброто и злото, а преку музика, танц и сценска визуелност ја раскажува приказната за добрината, храброста и пожртвуваноста.

Балетската претстава за деца „Доктор Офболи“, една од најгледаните балетски претстави наменети за најмладата публика, на 26 септември ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 19 часот.

Бајковитата балетска приказна ја прикажува вечната борба меѓу доброто и злото, а преку музика, танц и сценска визуелност ја раскажува приказната за добрината, храброста и пожртвуваноста.

Претставата е создадена според сказната на рускиот писател К. Чуковски, со музика на Игор Морозов. Кореографијата е на рускиот балет-мајстор Михаил Крапивин, додека сценографијата и костимите се дело на Живојин Трајановиќ и Марија Пупучевска.

Во „Доктор Офболи“ настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои преку динамична кореографија, впечатлива сценографија, живописни костими и музика ја оживуваат приказната за добриот доктор и неговите авантури.

Претставата на најмладите гледачи им нуди можност преку бајковит сценски свет да се запознаат со балетот и неговите изразни можности.