Разговорот меѓу Мицкоски и Рубио во Њујорк, потврда на важноста на стратешкото партнерство со САД
Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк се сретнал со државниот секретар на САД, Марко Рубио, при што напиша дека ова е од особено значење и потврда за важноста на стратешкото партнерство и континуираниот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. СДСМ пак упати остри критики, дека средба од тој ранг се води во кабинет со записник, не во ходник.

Премиерот Мицкоски во Њујорк разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио, оценувајќи дека ова е потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави. Шефот на Владата посочи дека директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување на позицијата на Македонија, како стабилен и доверлив сојузник.
„Во период на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со нашите стратешки сојузници имаат уште поголема тежина. Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува, заедно со нашите стратешки партнери“, објави Мицкоски на својот фејсбук-профил, порачувајќи дека Владата продолжува да работи на натамошно унапредување на односите со САД и на отворање нови можности за соработка.
Страшно е човек што ја води Владата на земјата, неформално муабетење во ходник да го претстави како официјална средба. Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и со записник.
Додека сопствениот народ го нарекува талог, елитата баш се покажа, на ниво. Поведе околу педесет луѓе на народен грб. Резултатот е пет милиони долари за рудник. За настап на прослава, фрлија 5,53 милиони евра, пари од лотарија, што требаше да завршат во буџетот за граѓаните на Македонија. Концертот поскап од „стратешката инвестиција“. Делегацијата поскапа од почетокот на дупката. Ова не е дипломатија, ова е екскурзија“, стои во реакцијата на СДСМ.
СДС не може да разбере дека единствениот разговор којшто државниот секретар на САД, Марко Рубио го имаше досега е со премиерот Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. А, дека тоа што СДС го зборуваат е тешка небулоза, ќе бидат демантирани со објавување на официјалната средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.
За разлика од времето кога Македонија беше со свиткана кичма, денес Македонија се застапува со гордо исправена глава, велат од владејачката партија. Премиерот Мицкоски во рамките на посетата на САД, ќе говори и на Генералното Собрание на Обединетите Нации.
Милчо Велески
