Македонскиот рубин тргнува кон светските пазари
Со формирање посебна Комисија започнува процесот за заштита на македонскиот рубин. Целта е природното богатство да добие јасни стандарди, проверен квалитет и поголема економска вредност, со можност за пласман и на странските пазари.

Од карпите во Мариово и прилепскиот регион – до светските пазари. Македонскиот рубин добива и официјална заштита по иницијатива на Дејан Шкартов, долгогодишен изработувач. Од камен од природата, целта е да се добие и дополнителна вредност – заштитен, сертифициран производ кој ќе го носи македонското име и на светските пазари.
Цената на македонскиот рубин зависи од бојата, чистотата, големината, обработката и пред сè, дали станува збор за накит или редок примерок. На светскиот пазар примероците достигнуваат и до илјадници евра.
Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство и обврска ни е да го претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба – истакна ресорната министерка Божиновска.
Процесот на заштита на македонскиот рубин за што е формирана и посебна Комисија опфаќа документирање на потеклото, дефинирање на јасни критериуми за сертификација и создавање механизми за негова промоција. Целта е да се заштити од неконтролирана експлоатација.
Со воспоставувањето јасни стандарди, македонскиот рубин создава нова економска можност за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и локалните заедници. Македонскиот рубин е дел од колекцијата на актерките Катрин Денев, Дерил Хана, Изабел Ипер. Крст од 18-каратно злато со вграден македонски рубин добил и Папата Бенедикт 16-ти.
Александра Велинова
