Изложба на Здружението на ликовни уметници „Драудакум“ во Истанбул
Во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул, ќе биде отворена групната изложба на Здружението за ликовна уметност „Драудакум“ од Гостивар, насловена „Од Македонија до Истанбул“ која пред истанбулската публика ќе претстави дела од македонското современото ликовно творештво...

На 23 септември 2026 година со почеток во 20.00 часот, во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул, ќе биде отворена групната изложба на Здружението за ликовна уметност „Драудакум“ од Гостивар, насловена „Од Македонија до Истанбул“ која пред истанбулската публика ќе претстави дела од македонското современото ликовно творештво.
Изложбата, носи повеќегласна уметничка приказна во која бојата, формата, материјата и светлината се среќаваат во заеднички простор на творечки дијалог. Преку сликарство, скулптура, графика, уметничка фотографија и видео-уметност, авторите ќе ги претстават различните поетики и изрази што ја одразуваат разновидноста и виталноста на современата уметничка сцена во Македонија.
Во концептот на изложбата, секое дело се чита како трага од лично искуство, фрагмент од сеќавање, емоција или визија која воспоставува сопствен однос со времето, просторот и гледачот. Така создадениот уметнички мозаик отвора простор за различни читања – од интимното и личното до универзалното.
Здружението „Драудакум“, основано во 1999 година, повеќе од две и пол децении делува како простор за творечка слобода, размена на идеи и уметнички дијалог. Преку бројни самостојни и групни изложби, меѓународни ликовни колонии и уметнички проекти, здружението континуирано придонесува за афирмацијата на авторите и за нивното поврзување со пошироките текови на современата уметност.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а нејзиното гостување во Истанбул претставува дел од заложбите за меѓународна промоција на македонското современо творештво и за продлабочување на културниот дијалог меѓу двете земји.
