Операторите стравуваат од пониски приходи
Мобилните оператори стравуваат дека Спогодбата за поевтин роаминг ќе се одрази на нивното работење. Од АЕК сметаат дека приходите на операторите нема да се намалат, напротив, во услови на пониски цени, граѓаните почесто ќе ги користат своите мобилни телефони кога патуваат во странство...

Мобилните оператори стравуваат дека Спогодбата за поевтин роаминг ќе ги удри по џебот. Очекуваат пониските цени да се одразат на нивното работење.
„Реално и логично е да се очекува значително намалување на приходите и на инвестицискиот капацитет на операторите во Македонија, особено на помалите, што влијае врз целиот сектор на електронски комуниникации“, порачуваат од ВИП.
Помали приходи очекуваат и од ОНЕ.
„Очекуваме АЕК со усвојувањето на договорот паралелно да пристапи кон ревидирање – намалување на надоместоците што операторите ги плаќаат кон регулаторот, за да не се наруши работењето на операторите“, велат од ОНЕ.
Од Т-Мобиле велат дека ги поддржуваат сите иницијативи што носат долгорочен бенефит за граѓаните, но бараат да бидат активно вклучени при кроењето на новите цени.
„Сметаме дека пред имлементирање на Спогодбата, потребни се консултација, дебата и детална анализа. Само така би се согледале долгорочните ефекти врз развојот на пазарот на електронските комуникации“, објаснуваат од Т-Мобиле.
Според надлежните, динамиката на намалување на цените ќе ја диктира координативно тело, во кое ќе бидат вклучени домашните оператори.
„Операторите ќе имаат влијание во работата на ова координативно тело, па врз основа на разговорите и преговите со нив, ќе ги направиме динамиката и начинот на којшто ќе се намалат цените“, изјави Марта Арсовска – Томовска, заменик – министер за информатичко општество и администрација.
Логиката на властите е следна. Ако корисниците на Т-Мобиле, на Телеком Словенија или Телеком Австрија од нивните матични земји зборуваат по ниски цени, во рамките на ЕУ, тогаш зошто сега, истата практика не би важела и за земјите од регионот, потписнички на Спогодбата.
„Најголемата разлика во цената што ја плаќаат граѓаните на ЕУ и граѓаните на Македонија е за интернет во роаминг. Нашите граѓани плаќаат 30 пати повисока цена“, изјави Владимир Ристевски, советник за анализа на пазарот во АЕК.
Од АЕК сметаат дека приходите на операторите нема да се намалат, напротив, во услови на пониски цени, граѓаните почесто ќе ги користат своите мобилни телефони кога патуваат во странство. Спогодбата предвидува петкратно намалување на цената за разговори во роаминг, пониски цени на СМС пораките за три пати, и драстично кастрење, за околу 30 проценти, на цената за мегабајт интернет. Роаминг услугите ќе поевтинуваат етапно во наредните три години, до нивото на цени што важат во ЕУ.
Мартин Пушевски
