Казна 5.000 евра за поранешниот градоначалник на Струга
5.000 евра казна за поранешниот струшки градоначалник Рамиз Мерко, за поставувањето на спорната спомен-плоча на општинската зграда. Судот утврдил одговорност. Оценувајќи дека плочата поттикнува или разгорува верска и етничка омраза.

Поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко осуден на парична казна од 5.000 евра за поставувањето на спорната спомен-плоча на зградата на Општина Струга. Судот утврди одговорност, оценувајќи дека плочата поттикнува или разгорува верска и етничка омраза. Иако во случајот нема регистрирани конфликти, инциденти или други последици, судот оценил дека за стореното дело не е неопходно да постои последица.
„Факт е дека за овој случај се воделе две постапки, од кои едната била прекршочна, меѓутоа таа се поврзува со незапазување на процедурата за подигнување на спомен-обележјето и за таа е издаден прекршочен платен налог. Меѓутоа, тоа се однесува на какво било спомен-обележје, вклучително и на оние коишто не поттикнуваат или разгоруваат верска и етничка омраза“, изјави Јордан Јованов – судски судија, Основен суд Струга.
Како клучен доказ судот го посочува и мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кое било оспорено пред Управниот суд, но тужбата била одбиена, а одлуката потврдена од Вишиот управен суд.
„Мислењето е валидно, останува во сила, а е изготвено врз база на мислење на стручни лица од Институтот за национална историја, од каде што е побарано мислење дали она што го симболизира таа плоча може да поттикнува или разгорува верска или етничка омраза.“, изјави Јордан Јованов – судечки судија, Основен суд Струга.
Спорната мермерна плоча, беше поставена на влезот на општинската зграда, испишана само на албански јазик, со натпис „Основно училиште Битолски конгрес, 1 септември 1941 година“, кој се однесува на периодот кога Струга била под окупација на Италија и Кралството Албанија.
Соња Рилковска
