Судењето против 13 полицајци за пожарот во „Пулс“ почна од почеток
Судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани почна од почеток, поради промена на Судечкиот совет. Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. Иако биле присутни кога избил пожарот, ниту ја прекинале забавата, ниту спречиле активирање на пиротехниката.

Со сослушување на тројца сведоци и во присуство на родители на загинатите деца во пожарот во „Пулс“, продолжи судењето против 13-темина полицајци и нивни надредени.
Судскиот процес почна од почеток. Полицајците рекоа дека не се чувствуваат виновни.
Прв, како сведок беше сослушан, студент од Кочани, кој на кобната ноќ бил со другарите во дискотеката, објасни, како тргнал да излезе од таму, но имало многу луѓе. Рече, само ја пружил раката и некој го повлекол и извадил надвор.
„Надвор го најдов другарот Филип, на кој му беше повредено коленото. Го однесов во болница и се вратив во дискотеката. Имаше многу народ и лежеа, јас бев збунет и не знаев што да правам. Имаше еден од полицајците, го прашав да ми помогне да го качиме во кола, тој ми кажа дека „тоа не е негова работа“, рече сведокот.
Дел од одбраната реагираше на изјавата на овој сведок, посочувајќи дека имал конфузен исказ.
Родители на починатите деца реагираат дека адвокатите не ја кажуваат вистината.
Другиот сведок, средношколка, објасни како влегле и што се случувало.
„Влеговме со мојот дечко. На влез купивме карта, ја дадовме на обезбедувањето, ни ставија печат и продолживме внатре кон масата, која беше близу бината. Си земавме пијачки и се забавувавме, се беше во најдобар ред. Имаше Ди-џеј пред да настапи групата ДНК“, изјави сведокот.
Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни истовремено биле ангажирани и во дискотеката, но не ја прекинале забавата, ниту спречиле користење пиротехника.
Борис Грујоски
