Култура

„Браќа Манаки“ ја оживеа Битола со врвна кинематографија и филмски таленти

21.09.2026 18:02

Селекции за „Камера 300“, филмски проекции, панел-дискусии и работилници ја исполнуваат фестивалската програма во Битола. „Ткајачи на филм“ ги поврза искусните кинематографери, младите автори и студенти од различни земји.

Селекции за „Камера 300“, панел дискусии, работилници. „Ткајачи на филм“ ги спои во Битола врвното кинематограферско искуство, одличните филмови и студенти од различни страни на светот. Филмот „Атлас на универзумот“ ни го доловува животот во рурална средина гледан низ призмата на детските очи. Овој долгометражен романско-бугарски филм е во трка за престижната награда.

Работилницата „Браќа Манаки-следна генерација“ е составен дел од фестивалот, а истата е посветена на традицијата на аудиовизуелното културно наследство на првите кинематографери на Балканот низ призма на новите генерации, објаснува менторката Марија Џиџева.

„Како да се пронајдат нови начини за допирање до срцето и умот на публиката?“ – на оваа тема на панел-дискусијата зборуваа реномираните кинематографери Тимо Салминен и Јануш Камински.

Манипулацијата со фокусот, движењето и брзината на снимањето не се само визуелни експерименти, туку средства за публиката да го почувствува светот од перспектива на главниот лик, а во тоа Камински ја гледа суштината на кинематографијата.

Ружица Аџикотарева-Ѓоршевска