Блиски Исток

Растат тензиите меѓу Вашингтон и Техеран

22.09.2026 11:30

Иран тврди дека е подготвен за „непријателска агресија“ и оти ќе го брани територијалниот интегритет на земјата...

Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран се зголемуваат. Иран тврди дека е подготвен за „непријателска агресија“ и оти ќе го брани територијалниот интегритет на земјата.

„Ќе ја регионализираме војната. Ќе ја промениме географијата на војната, оружјето и воената опрема. Војната не е завршена. Бевме подготвени, а сега сме уште поподготвени за продолжена војна“, изјави Хосеин Мохеби, портпарол на ИРГЦ.

САД го засилуваат економскиот притисок. Од утре иранските авиокомпании се соочуваат со забрана за работа низ светот, а санкции им се закануваат и на земјите што ќе им обезбедуваат гориво, аеродромски услуги или ќе продаваат билети.

„Ако слета ирански авион, не смеете да му обезбедите гориво, услуги за слетување и ракување, ниту да му продавате билети. Во спротивно, ќе бидете целосно исфрлени од доларскиот финансиски систем“, изјави Скот Бесент, министер за финансии на САД.

„Иран ер“ најави дека ќе продолжи со летовите, додека Багдад потврди дека ќе ја спроведе американската забрана. Во меѓувреме, Хутите, бараат прекин на саудиската агресија и блокадата.

„Стопирајте ја агресијата против нашиот народ и прекинете ја блокадата“, изјави Абдул Малик ал-Хути, лидер на Хутите.

Земјите на Г7 го повикаа Иран да престане со поддршката за Хутите, предупредувајќи дека ескалацијата ја загрозува регионалната стабилност и глобалната енергетска безбедност. Техеран негира дека ја снабдува групата со оружје и тврди дека поддршката е исклучиво политичка. Нападите на јеменскиот фронт продолжуваат.